09.10.2008
ГОДИШНОТО ИНТЕРВЈУ СО БОБАН МИЛОШЕСКИ (АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА) НАПРАВЕНО СО НОВИНАРОТ ЗЛАТИЦА ПЕТКОВСКА ЗА НЕДЕЛНИКОТ ФОРУМ ВО ИНТЕГРАЛНА ВЕРЗИЈА
 
www.forum.com.mk

Како се доаѓа од Електрични оргазам до Лени Кравиц?

Ништо не сум размислувал на оваа тема. Во музичкиот свет 15 години и не е некој голем јубилеј, но веројатно е интересно да се одбележи како приказната од Електрични оргазам дошла до Лени Кравиц. Би рекол, спонтано (смеа).

Кои се најбизарните барања на музичарите кои биле најтешко да ги исполните?

Не сме имале некои особено бизарни барања, а секој што мисли дека тие барања се големи треба да замисли како е да си одвоен од дома шест месеци и кога целите денови ти се исплонети со работа, секако ти треба нешто за да се чувствуваш комотно и да ти биде убаво. Екстремните барања веројтано се во функција на маркетингот на артистот, особено бизарни барања имаат раперите веројатно за да се докаже какви шизици се тие, што им е во склад со нивната музика. За нас Лени беше најтежок за изработување, но само поради големината на шоуто и бројот на луѓе кои учествуваа во неговото создавање.

Кој е најголемиот проблем кога се договараат гостувања тука, финансии, публика, и дали можеби постои стравот од безбедносната ситуација на овие простори?

Постои. Не толку поради безбедносната ситуација, туку... Безначајни сме. Ако оваа влада реално мисли да влезе во ЕУ треба да го реши и овој проблем, ние сме веројатно единствена земја во Европа во која нема оригинал носачи на звук. Кога договарате концерт луѓето со кои соработувате секогаш сакаат да знаат не само колку е добра финансиската понуда, туку и колку албуми продале на тие простори. А кај нас такво нешто нема. Сепак, од неформалните разговори со музичарите кои работеле со нас сфатив дека најважен е профилот на изведувачите. Или си космополит кој навистина сака да свири или си тип на човек кој сака да свири помалку, а за повеќе пари. Лени Кравиц сака да свири, Макси Џез сака да свири, Дејвид Ковердејл сака да свири... Сме имале и многу апсурдна ситуација, која мислам дека досега не сум ја спомнал, на минатата турнеја Депеш Мод ја имаа Швајцарија, неколку дена пауза, па Бугарија. Ние го понудивме истиот хонорар за Скопје 24 часа пред Софија, сите реални услови постоеја за тие да имаат концерт во Македонија, но едноставно не сакаа да настапат тука. Едноставно некои музичари размислуваат така, а луѓето кои ги носиме тука се луѓе кои вистински сакаат да свират и што е најинтересно, секогаш се пријатно изненадени. Ним не им е важно колку е валкан градот, најважна им е енергијата на публиката. За жал кај нас не се случило изведувачот да ја пренесе енергијата на публиката, туку публиката е таа која или ќе успее да им ја пренесе енергијата на артистите кои потоа ќе ни дадат добар концерт или за жал, нема да успее во тоа и ќе добиеме просечен концерт. Додека во странство сум гледал многу концерти каде се случува обратното, изведувачите се тие кои ја креваат публиката.

Whitesnake, Apocalyptica, Simple Minds и Roxy Music во Охрид ги правевте со сопствени финансии, како одлучувате за кои бендови нема да користите спонзори? Тоа е повеќе одлука на спонзорите или ваше лично задоволство?

Всушност сите концерти ги правиме со сопствени финансии и со одреден ризик, прво ги договараме концертите, а потоа ако најдеме спонзор, најдеме. Sekako artistite ние ги плаќаме комплетно. Инаку, да, добро си ги запамтила концертите кои беа правени апсолутно без спонзор, јас ете, не сум ни размислувал на таа тема. Тоа е одлука на спонзорите кои не сакаат или во моментот не можат да издвојат пари. Но, мене ми беше неверојатен ќеиф тие четири имиња да свират во Македонија и го направивме тоа без разлика на финансискиот исход.

Кој концерт ти е омилен во секој поглед, организација, настап, реакција од  публика? Дали е тоа Leny Kravitz во Охрид?

Најуспешен како проект гледан од страна секако дека е Leny Kravitz и Iron Maiden во Белград. Но мене лично најдраг ми е на Faithless на СРЦ Кале (2004 г.) каде имаше неверојатна размена на енергија која ја немам почувствувано на нивните концерти надвор, каде имало и подобар звук, и светло и сала....Но, ако веќе правиме некаква рекапитулација на нашата работа, тогаш ќе го издвојам Maiden со 25 000 луѓе во затворен простор, мислам дека никогаш веќе нема да има такво индор шоу на Балканот. Сега сите се префрлија во белградска Арена која собира 18 000 со поставена бина, а Iron Maiden продадоа 25 000 карти. Тоа беше огромно шоу, иако јас очекував повеќе од нив како бенд, бидејќи нивните фанови им нудат неверојатна љубов која според мене не им беше комплетно возвратена. За среќа, фановите не се чувствуваа така.

Од концертите во Македонија како најуспешен останува Leny Kravitz?

Да, Leny Kravitz. Но, лично најмногу ќе ги памтам на Faithless и двата концерта на  Психомодо Поп во МКЦ (1994 година), кога се продадоа 1500 карти во МКЦ и можеше да се почувствува неверојатна енергија.

Има ли такви концерти на домашни изведувачи?

Ареа на саем. Мислам дека тоа е прв и последен пат кога македонски изведувач беше во можност да продаде 10-15 000 карти, но немавме доволно голема сала. Исто така како особено симпатичен го памтам и концертот на Тоше на Лизгалиште иако имаше малку луѓе и многу малку продадени карти, сепак 1500-2000 луѓе публика не ни помислуваше да си оди иако врнеше дожд.

Што значи организирањето на турнејата на Леб и Сол за Авалон?

Тоа беше прво, но се надевам не и последно демонстрирање на македонска сила надвор. Приказната на првите концерти во Битола и Охрид  комерцијално не почна ни приближно толку добро колку што очекувавме, но музички беше толку силна, што со помош на добриот маркетинг што го направи Авалон сето тоа буквално експлодираше на двата одлични концерти во Скопје.

Како идеја тоа тргна од вас или од членовите на бендот?

Од нас, апсолутно. Ние направивме поединечни договори со сите четворица, а тие прв пат се видоа на прес конфернцијата кога го објавивме реобединувањето. Затоа и ми е тажна изјавата на Бодан дека Влатко не сака да продолжи да работи со бендот. Бендот не го направија тие, туку Авалон за потребите на таа турнеја. Сe што се случува по таа турнеја го сметам за жалосно на сите нивоа, но ете, секој си работи како што мисли дека треба. Според мене, по турнејата или ќе работевме нов материјал со целата постава на Леб и Сол за да се направат триесетина големи концерти во сезоната лето 2010 на отворени простори низ целиот Балкан или веќе немаме ништо со таа приказна. Влатко и останатите си работат кој повеќе кој помалку успешно на различни страни, но ние како Авалон немаме интерес во нивните поединечни приказни. Tie si prodol`ija ponatamu kako najdobro znaat i umeat, normalno, zatoa {to `iveat edinstveno od toa. Од аспект на Avalon турнејата беше толку супериорна што или ќе продолжиш токму така или воопшто нема да продолжуваш.

Дали во Македонија има концертни простори кои би биле употребливи и во светски рамки?

Ништо Македонија нема нормално, сe е тешка импровизација, но се покажа дека има места кои имаат душа и места кои едноставно ја немаат. Стадионот во Охрид покажа дека има душа, концертот на Whitesnake на лизгалиште беше супер, а таму  сум гледал и други одлични концерти како оној на Manu Chao, но и лоши како оној на Asian Dub Foundation, кои се одличен бенд и сум ги гледал во многу подобро издание. Некогаш едноставно салите не кореспондираат со артистот и тоа е проблем кај нас.Од технички аспект сe е импровизација, и сите tour менаџери кои доаѓаат тука тврдат дека да сме во ЕУ нема шанси во тие објекти законски да се одржат концертите, ете толку се лоши овдешните услови.

Во последно време е тешко да наполниш сала во Македонија со платени карти, а ако нема платени карти na{ava rabota ne e nitu show, a nitu pak bizniz. Се случува таков промотерски дебилизам, на сите страни има бесплатни концерти кои се рекламираат како светски настани, па ги наведоа луѓето да мислат дека нема потреба да се плаќа карта за концерт. Сепак, со Leny Kravitz сето тоа се демантира, па ќе видиме дали и во иднина ќе успееме ние да ја наметнеме нашата игра која има правила или...

Останаа ли неостварени желби? Кои имиња навистина сакаш да ги донесеш кај нас?

Немам неоставрени желби. Можеби Radiohead, за да бидеме први кои ќе ги донесеме на Балканот. Сум бил на нивни концерти надвор и сакам оваа публика да може да го почувствува тоа.

Има уште една работа која досега не сум ја кажал, пред неколку години на последниот фестивал Скопје Гори кога дојдоа Echo and The Bunnymen (2002 г.) ги имавме договорено и Muse со, за сегашни услови, симболична цена. Но баш пред да објавиме дека ќе доаѓаат ни се јави нивниот агент кој ни кажа дека на сајтот на Британска амбасада на Македонија нашата земја е на листата на држави каде на британските државјани не им се препорачува да патуваат. Многу ми е жал што не дојдоа, ќе останеше забележано дека така голем бенд свирел тука 2-3 години пред да стане огромна светска атракција.

Инаку, и во нашата професија има многу суета, ние промотерите понекогаш се водиме од суетата, понекогаш сакаш токму ти да бидеш тој кој ќе го донесе бендот што си го слушал и сакал. Но, мислам дека кога Bryan Ferry во чест на Авалон по година дена пауза повторно ја отсвири Avalon,  за мене веќе завршија неостварените желби во таа смисла. Инаку, секако сакам на пример да ги донесам U2, ама знам колку е тоа нереално. Од друга страна пак пред неколку години доаѓањето на Leny Kravitz ми изгледаше нереално, па ете се случи. Мислам дека за оваа држава да оди напред мора да размислуваш така. Не треба да се кука, туку секој индивидуално треба да работи на себе и своето усовршување, треба да веруваш во нереални нешта и да се трудиш да оствариш нереални работи. Кога ќе реализираш нереална работа тоа е успех и за себе и за државата. Преку глава ми е од неинвентивни плачковци кои само кукааат и никако не сфаќаат дека животот е еден и во него треба да работиш и твориш најдобро што знаеш и можеш. Тогаш не може да биде лошо. Значи или сите ќе работиме најдобро што можеме во онаа сфера во која сме талентирани или ништо нема да се подобри. Јас знам за што не сум талентиран и јасно ми е дека на пример не можам да бидам лекар, па не ми е јасно како многу луѓе мислат дека можат да бидат менаџери, а уште повеќе мислат дека можат да бидат пејачи. Тоа води кон катастрофа.

Како дел од тие нереални работи што секој треба да се труди да ги оствари, спаѓа ли и фактот дека вие како Македонци организирате големи концерти во соседството?

Да. Интересно е како немаме проблем во Тиволи да го направиме Bryan Ferry, а овде тоа останува незабележано. Или да ги донесеме за првпат на Roxy Music и David Sylvian или да ги правиме и Faithless во Романија. Ако земеме предвид какво јаничарство владеее во новинарството и колку многу се медиумски поддржани сите концерти што се прават во соседството, тогаш не треба да се изненадуваме што нештата не функционираат. На пример, во македонски весник имам прочитано огромен наслов „Доаѓаат Тул (Tool)“ и се изненадив што не го знаев тоа, а се знам со нивниот агент, но се израдував што ќе ги гледаме во Скопје. Но, кога го прочитав текстот видов дека доаѓааат во Белград и Загреб! Еве, прв пат ќе кажам што сме правеле токму поради ваквиот однос на новинарите. На пример ги правиме сите концерти на David Sylvian на Балканот и намерно прво објавуваме во Белград. Најавата дека тој доаѓа во Белград е фантастично проследена од македонските медиуми, со огромни наслови, а 3-4 дена потоа објавуваме дека ќе дојде и во Скопје. Втората информација не добива ни 30% од медиумското внимание на претходната. Поради ова, новинарите кои работат забава и култура не треба да се изненадени што се колатерална штета во своите редакции, тие со ништо не придонесуваат Македонија да тргне напред. Но тоа кај мене предизвикува позитивен инает, па ги молам да продолжат така и понатаму.

Еве уште еден пример, Nick Cave имаше концерт во Белград, најголемата цифра спомната во српски медиуми беше 10 000, а во нашите весници прочитав дека имало дури 20 000 луѓе во публика на истиот концерт. Тоа е такво идеализирање на сe што се прави надвор, а такво минимизирање на сe што се работи овде.

Сметаш дека ова е општа појава или е насочена конкретно кон Авалон?

Нас нe игнорираат колку што можат, освен кога мораат да нe спомнат. Никој не ја сфаќа големината и тежината на оваа работа. Смешно е кога пишуваат « концертот го организираше ». За да се направи концерт треба да имаш идеја, да букираш артист... треба да направиш многу работи, не е штосот само во организацијата. А за жал мислам дека ова се случува во општи рамки. Можеби истото се случува и во другите сфери, како спортот, не сум сигурен. Ја следам ситуацијата за музиката и не ми е јасно како може со помали букви да ги ставиш информациите за картите за концерти во Скопје, од истите тие информации за помали имиња кои доаѓаат во Белград или Софија. Како би го нарекле тоа, освен јаничарство, навистина не знам.

Пред неколку години наш медиум спроведе анкета за соработката на новинарите и менаџерите, а од повеќето новинари вие бевте издвоени како црна дамка во комуникацијата. Но, очигледно дека и ти имаш што да им замериш на медиумите. Што освен јаничарството е виновно за очигледното пропаѓање на македонската музика?

Па, да, очигледно е дека македонската музика пропаѓа кога сите направија сe за да пропадне. Нештата беа поставени во здрави рамки пред 4-5 години, но тоа беше така минимизирано и подривано, па се уништи. Како и во секоја друга сфера и во музиката треба да се игра тимски. Ако Каролина, Ареа, Калиопи имаат по четири нормални песни, во исто време бидат задавени со 50 имбецилни, нормално дека сe ќе пропадне. Е, затоа сега имаме топ сцена која или е топ или многу топ. Со појавата на неинвентивниот збор топ, едноставно се стана тапа во музиката во Македонија. Затоа и престанав да се објаснувам по медиуми, сега уживам затоа што дојде на моето, немам што друго да правам освен да се смеам. Одредени личности ги имаш на 4-5 Тв канали, обично одат во пар и истовремено ги има на неколку емисии, а заедно имаат вредност од 200-300 евра во некое кафуле во Охрид. Кога ние правевме концерти и реално полневме сали, тие исти личности не беа на ниво ни во 5 часот преку ден да настапуваат. Е, сега тие се топ и јас уживам што е така. Основниот проблем на медиумите е што тие не успеаја квалитативно да се изборат ентернтеинментот да го продава весникот. Весниците кај нас се купуваат за политика и сите престанаа да обрнуваат внимание на другиот дел. Срамота е што пред 20 години да се појавиш на насловна страна во Екран имаше огромно значење, тоа значеше зголемена продажба на албуми, а сега може да не се симнеш од ТВ емисиите и од насловните, а пак да немаш никаква вредност. По 15 години работа веќе немам нерви да го анализирам тоа. Се обидовме на секој начин, тоа беше минирано од сите страни и затоа се тргнавме да го работиме ова што го работиме денес.

Спомна дека си се повлекол од медиумските пресметки, не сте контроверзни затоа што се повлече, или се повлече затоа што веќе нема за што да се спори?

Кај нас стана тренд во сите социолошко-политички области најмногу да palamudat тие што ништо не работат. Експертите, нели. Јас постојано работам и не сакам да бидам во истиот кош со нив. Не гледам причини да продолжам да објаснувам кога ниту една крива Дрина не исправив, туку напротив, дури и кога знаат дека сум во право одат контра моите ставови. Сепак, драго ми е што кога еднаш во година-две ќе кажам нешто луѓето го следат тоа. Веројатно поради фактот што другите многу зборуваат , а ништо не сработуваат. Јас се усовршувам во својата работа, следам сe глобално и се трудам да го пренесам тоа и локално. Сега мене ми е фаза на сеир, затоа што откако во нашата бранша пропадна сe луѓето знаат кој не е крив за тоа. Авалон секако не е крив. Секој може да провери колку албуми издававме порано, а колку сега. Колку домашни концерти правевме, а сега не правиме. Сега нека прават тие.

Какви се шансите продажбата на албуми во Македонија да се доведе во нормала?

Нема шанси. Премногу нe има џабе. Ако првиот албум си го поделил бесплатно со списание, колку и да е добар твојот следен производ не можеш да очекуваш дека некој ќе го купи. Во Македонија има премногу џабе музика и така завршува приказната. За работите да се постават на здрави нозе треба да ја снема пиратеријата, да почнат кај нас да се издаваат светски албуми истиот ден кога ќе се појават и во остатокот од светот, а тие албуми да бидат релативно евтини. Ако 800 денари чини албумот на Мадона, би можеле да очекуваме некој да го купи и албумот на Каролина за 500 денари. Но, за ова треба време и енергија, а јас веќе немам енергија да бидам единствениот кој нормално размислува и работи во оваа држава. И останатите нормално зборуваат, а сепак спротивно дејствуваат.

Меѓу албумите кои ги издаде Авалон се и на Смат... односно изведувачи кои не биле ваши ексклузивци. Тоа се поисплатливи зделки или?

Никако не се поисплатливи, туку комплетно ентузијастички зделки. Луѓето кои важат за креативци се тешки како личности, кога тие го издаваат албумот ќе ги прифатат сите услови, но кога по шест недели ќе му кажете дека продал само 10 примероци не им се верува. Тоа ја одзема енергијата и затоа престанавме да го работиме тој дел. Да не се лажеме, дискографијата престанавме да ја работиме од револт.

Во филмот Македонскиот рокенрол Ивица и Ружица (Ареа) рекоа дека двајцата раскажуваат различна приказна. Дали овие најави значат дека албумот е комплетиран и дека раскажаа заедничка приказна?

Тие постојано раскажуваат различни приказни, па затоа и тешко ги прават албумите. Но, мислам дека овој албум им е најдобар досега и ние ќе се потрудиме што повеќе луѓе да го слушнат. Но има еден феномен кој јас еднаш го имам тестирано. Сите весници на ВАЦ го издадоа одличниот албум Bastion: Works & Re-works, еден месец откако излезе албумот јас се јавив кај сите што ги познавам и ниту еден од нив го немаше преслушано. Мислам дека истата ситуација им се случи и на Архангел. Тоа е своевиден феномен, да не го цениш и слушаш тоа што ти е дадено бесплатно. Музиката е и фетиш, а она што го добиваш џабе не може да ти биде фетиш. Сепак, ние никогаш не сме подариле албум со весник, ги користиме дистрибуционите мрежи, но немаме дадено албум сосема бесплатно или да влегува во цената на весникот. Веќе некое време моите идеи не можам да ги реализирам тука, па овој пат ќе ја исполнам желбата на Ареа и ќе го издадам албумот како што сакаат тие. Ако сакаат да го делиме бесплатно на плоштад ќе го делиме. Доцна е да се правиме паметни кога целата приказна со дискографијата престана да функционира.

Спомна дека ја следиш музиката во глобални рамки, но што е со домашната? Тука пред сe мислам на македонскиот производ што не е дел од меинстримот, има ли нешто што ти го привлекува вниманието?

Да, ја следам. Ми се допаѓаат Bei The Fish и Three Minutes In The Rain, на пример. И мислам дека работите на подобро секогаш тргнувале од андерграундот, тоа треба да биде локомотивата и се надевам дека ќе се најдат луѓе кои ќе успеат сето тоа да го исканализираат.

Не гледаш предизвик во тој дел од домашната сцена?

Не, од причини што би немал што да му вратам на изведувачот. Спомнав дека овде се продаваат само по петнаесетина албуми, а надвор од Балканот тешко се излегува. Единствен реален успех надвор има Есма, која сепак пее џипси музика. Истото се случува и со Бреговиќ, кој не излезе со Бjело Дугме, туку со џипси. За да успееш во странство треба да бидеш различен. На Балканот ја имитираат Бјонси, а потоа сакаат да излезат надвор и да ја засенат. Тоа не е возможно. Кај нас пејачите уште не сфатија дека треба да бидат и артисти. Да се одглумат себеси на сцена.      

Мене ми пречи и ситуацијата на регионално ниво, нашите изведувачи да не можат да успеат во соседството, додека песните на ликови како Наташа Беквалац кај нас постојано се вратат, а таа во Белград не може да направи концерт во Сава центар. Но, тоа е општ проблем, пред пет години ние направивме концерт на Рибља Чорба на саем, а сега тие настапуваат во клуб. Сега со Џибони, Здравко Чолиќ, Оливер Драгоевиќ и Дино Мерлин i mo`ebi Severina се затвара кругот на бизнисот во шоу бизнисот. Сето останато е малку шоу, уште помалку бизнис. Во ваква ситуација тешко е да се направи некој поголем пресврт.

Во 1997 година организиравте гостувањето на театарската претстава, би направиле ли повторно такво нешто?

Да, би правеле, и тоа и лиценцно издавање книги и филмови, само кога работите би застанале на здрави нозе. Во секој случај, подобро е добра театарска претстава, отколку лош концерт. И покрај се ентузијазмот останува, и после сите години бизнис, мојата работа и понатаму се потпира на ентузијазам.

За крај, кога веќе ги спомена лиценцните книги, дали можеби би ги ставил сопствените приказни во книга?

Задолжително.

Би чекал да се затвори приказната со Авалон или…

Не знам, но најверојатно не. Читајќи ги автобиографиите на ѕвездите од странство можам да проценам кој до каде оди во откривање на вистината. Кога јас би ја кажал вистината би повредил многу луѓе, а и онака најмногу ми замеруваат дека премногу сум искрен. Веројатно дојде време искреноста да е проблем, а во таа логика не се пронаоѓам. Сепак, мора да се кажат многу работи. Ќе ги ставам на хартија вистинските приказни, а потоа ќе видам до каде ќе одам. Имам многу интересни нешта за раскажување, секој концерт има своја приказна, секој албум може да стане книга.

04.12.2008
IRON MAIDEN ЛЕТААТ ПОВТОРНО ВИСОКО
22.11.2008
ПРОМОЦИЈА НА НАЈПРОДАВАНИОТ МАКЕДОНСКИ АЛБУМ ВО 2008Г "МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ"
20.10.2008
ДОАЃА JAMES BLUNT!!!
15.11.2008
НОВИОТ АЛБУМ НА АРЕА "СЕ ШТО САКАМ СИ ТИ" ВО ПРОДАЖБА ОД 17ти НОЕМВРИ
02.10.2008
ЖИВАТА ЛЕГЕНДА AL DI MEOLA ВО СКОПЈЕ
23.07.2008
LENNY KRAVITZ - 03.08.2008 - СТАДИОН БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ - ОХРИД
16.05.2008
ROISIN MURPHY со свое шоу во Скопје
16.05.2008
И ERIC PRYDZ летово во Македонија
09.03.2008

ЕВРОПСКАТА “DANCE” АТРАКЦИЈА MORANDI НА КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

16.05.2008
И БРЕГА доаѓа во Скопје!