Со огромно задоволство ве известуваме дека уште една голема светска ѕвезда доаѓа во Македонија.
Авалон Продукција го потврди доаѓањето на Roisin Murphy во Скопје на 14ти јуни. Авангардната диско – кралица, како што ја нарекуваат во Британскиот печат, ќе одржи концерт во летниот клуб Хард Рок.
Да ве потсетиме. По распаѓањето на Молоко, Роисин издаде два соло албума – “Roby Blue” и “Overpowered” кои експлодираа насекаде низ светот, посебно последниот албум “Overpowered”.
Сведоци сме дека сингловите од тој албум – “You know me better”, “Movie star”, “Cry baby” и посебно “Let me know” станаа апсолутни хитови како на нашите радио станици така и на светските топ листи и музички телевизиски канали.
Дека Roisin во моментов е поголема од било кога доказ е нејзината концертна агенда за престојното лето од која може да се види дека таа настапува на сите големи светски фестивали како: V Festival во Австралија, Pink Pop во Холандија, Rock im Park во Германија, Rockness во Шкотска, Sonar во Шпанија, Oxegen во Ирска, Sziget во Унгарија…
Во таква конкуренција Авалон Продукција успеаа да ја вклопи и Македонија во нејзината концертна агенда со што остануваме во битката Македонија да биде земја со пристоен културен живот, а не депонија која служи исклучиво за лепење на плакати за концерти во соседството (пред се Србија и Бугарија) и објект за орање по неа од страна на Звезде гранда во 1001 варијанта и скоро ништо друго во областа на музиката.
Авалон Продукција оди понатаму и тоа над можностите на нашата земја, допаало се тоа некому или не, биле ние адекватно поддржани или не… Повеќе детали за продажба на влезници наскоро.
www.roisinmurphy.com